Алегри: Пораз кој добро ќе ни дојде, загубивме на помалку важниот натпревар неделава

До 85. минута од денешниот натпревар против Манчестер Јунајтед, екипата на Јувентус не прими ниту еден гол на скоро четири натпревари. Тогаш, од два прекини, Шчесни двапати капитулираше, а Алегри имаше чудна порака по натпреварот, напоменувајќи дека поразот добро ќе им дојде на неговите фудбалери.

„Жал ми е за поразот, бидејќи екипата одигра одличен натпревар, но пак немавме реализација. Едноставно не успеваме да ги затвориме натпреварите. Не треба да подаруваме слободни удари во опасната зона, а во последно време премногу подаруваме. Само така, од прекин, можевме од примиме гол. Но, колку и да звучи парадоксално, овој пораз може само добро да ни дојде. В недела играме со Милан, па може да кажеме дека го загубивме помалку важниот натпревар неделава“, заврши Алегри.

Јуве пропушти можност да се квалификува во осминафиналето, но нова шанса ќе има за две недели против Валенсија во Торино. Сепак, со оглед на тоа што Манчестер Јунајтед игра пред своите гледачи против Јанг Бојс, веројатно борбата за првото место ќе се води до последното шесто коло.