• Горан Упале

Јувентус нема по добро да го памети вчерашниот ден. Му беа одземени десет бода, а Емполи го декласира со 4-1 во последниот натпревар од 36. коло на Серија А.
На „старата дама“ ќе ѝ бидат одземени десет бода поради скандалот поврзан со незаконското стекнување на капитални добивки, поради што е сериозно загрозен нивниот пласман во Европа следната сезона.
За оваа ситуација свој коментар даде тренерот Масимилијано Алегри.
„Оставка би била кукавички гест од моја страна. Играчите дадоа сè од себе оваа сезона. Нормално, чудна ситуација беше тоа што казната дојде десет минути пред натпреварот. Пред стартот на натпреварот освоивме 69 бода и бевме втори на табелата, нека биде јасно.
Сакам да истакнам една работа. Јувентус е втор на табелата, тоа го заслуживме на терен. Прифаќаме сè, но навистина се надевам дека ова ќе се реши еднаш засекогаш. Само нека одлучат што сакаат со Јувентус, да ни кажат и да го решат проблемот. Тоа е недостаток на почит кон играчите и тренерите. Не им кажувам што да одлучат, само барам да одлучат еднаш засекогаш. Сега можеме само да се надеваме дека ќе ја започнеме следната сезона, знаејќи каква е ситуацијата“, рече Алегри.
На две кола до крајот на сезоната во Серија А, Јувентус е на седмата позиција со 59 бода, еден помалку од Рома, а два од Аталанта.