Алегри до директорот на „Тутоспорт“: Ќе ти ги откинам ушите, пишувај ја вистината!

Масимилијано Алегри успеа да ја круниса сезоната со трофеј во Купот на Италија и изјави дека е горд на овој успех со Јувентус, но по натпреварот со Аталанта прикажа излив на негативни емоции и го нападна директорот на „Тутоспорт“, Гвидо Вакаига. 

Тренерот во заминување употреби речник кој досега никогаш не бил својствен за него, на огромно изненадување за присутните новинари. 

„Не знам до кога ќе ги толерираме овие таканаречени уредници и новинари. Тој е пос*ан директор кој никогаш не ја пишува вистината. Ќе дојдам и ќе ти ги откинам ушите, а може и да добиеш удар во лицето. Пишувај ја проклетата вистиина, не измислувај приказни“, рече Алегри. 

Навистина зачудува реакцијата на трофејниот стратег кој во кариерата освои вкупно дванаесет трофеи со „старата дама“. Се очекува Алегри наскоро да замине од Јувентус, а името на новиот тренер би требало да биде соопштено веднаш по завршувањето на сезоната.