• Саше Љолес
Брегот На Слоновата Коска забележа триумф над Конго ДР со 1-0 (0-0) во второто полуфинале од Африканското првенство на нации. Селекцијата на земјата-домаќин имаше многу повеќе од играта и сосема заслужено ќе се бори за третата титула од континенталните собири.
- Извештај од натпреварот:
Тргна БСК фуриозно и моќно уште во првите 45 минути, но не успеа да постигне погодок. Особено беа возбудливи последните моменти пред паузата, кога најпрво Себастија Але имаше прекрасна шанса, а веднаш потоа Франк Кеси замалку не ја скрши конструкцијата од голот со силен удар кој сепак се одби над голот.
Второто полувреме донесе уште поголема иницијатива на домаќините. Селекторот Фае им сугерираше на своите играчи да тргнат посилно напред, Конго оставаше многу простор на средината од теренот и тоа резултираше со уште една серија добри шанси. Повторно Кеси имаше солидна прилика во 54. минута, но резултатот беше отворен десетина минути подоцна. Себастијан Але „закачи“ една нафрлена топка, која потоа се одби од земјата и на чудесен начин го лобуваше гостинскиот голман.
Домашните навивачи еруптираа, а нивните миленици поведоа со 1-0 и добија огромна мотивација за остатокот од мечот. БСК редеше шанси како на филмска лента и полека фаќаше ритам за „успивање“ на темпото. Конгоанците се обидоа двапати со брзи контри, но немаа поголем успех пред домашниот гол. Конечниот резултат остана 1-0 и БСК сосема заслужено патува во финалето, каде противник ќе им биде репрезентацијата на Нигерија.
Натпреварот кој ќе го даде името на новиот африкански шампион ќе се одигра на единаесетти февруари, со почеток во 21:00 часот по македонско време.