Албумот ЕВРО 2020 во продажба во Македонија порано од предвиденото!

Фудбалска Македонија ќе има за што да навива ова лето. По првпат во нашата историја македонската химна ќе се слушне на еден голем фудбалски собири, откако Горан Пандев и дружината обезбедија учество на следното Европско првенство, кое започнува на 11 јуни. 

Нашето учество на континенталниот собир значи и дека за првпат на „Панини“ албумите ќе има и македонски фудбалери. Официјалниот албум со сликички за ЕП во Македонија ќе пристигне порано од предвиденото.

Иако беше најавено дека „Панини“ албумот пристигнува во Македонија на 5 април, сепак, дојде до промена. В петок (2 април), албумот ќе биде достапен во Продавницата за странски списанија Свет, в сабота (3 април) во поголем број продажни места во Скопје.

Во текот на идната недела ќе продолжи интензивна дистрибуција низ целата држава.