Албарт е името на симпатичната маскота за Европското првенство

До почетокот на Европското фудбалско првенство останува нешто помалку од една година, а земја-домаќин овој пат ќе биде Германија. Според многумина, се очекува овој континентален шампионат да биде еден од најдобрите во историјата. 

Германија несомнено ќе биде одличен домаќин на Европското првенство, а тоа го потврди и во минатото со беспрекорната организација на можеби најдоброто Светско првенство во историјата, кое се одигра во 2006 година (го освои Италија). Организацискиот одбор на Европското првенство ја објави и официјалната маскота на шампионатот. Името на маскотата е Албарт и е една од најоригиналните во историјата на големите натпреварувања. 

Европското првенство официјално ќе започне на 14 јуни 2024 година и ќе трае точно триесет дена, а финалето е закажано за 14 јули во Берлин. Натпреварите ќе се играат во вкупно десет градови - Берлин, Минхен, Хамбург, Франкфурт, Келн, Дизелдорф, Штутгарт, Лајпциг, Дортмунд и Гелзенкрихен.

Македонската репрезентација има само теоретски шанси за пласман на шампионатот, но мисијата е скоро невозможна, затоа што „рисовите“ доживеаја два порази на последните два меча и имаат само три бода на своето конто.