ВИДЕО: Албанија поведе, Алиоски возврати, па настана невреме и доигрување утре попладне?

Македонската фудбалска репрезентација има 1-1 (1-0) во Скадар против Албанија во првиот меч од квалификациите за Мундијалот во Русија во меч кој наместо 90 се играше 75 минути, заради огромното невреме од дожд кое го принуди турскиот судија Гочек да означи крај на средбата 15 минути пред регуларнот крај. Најверојатно мечот ќе се доигра од моментот на прекинот во наредните 48 часа или на стадионот во Скадар или на стадион на 100 километри оддалеченост. 

Лошо започна мечот за македонската селекција, која прими гол од првата шанса на противникот. Албанија поведе со 1-0 со голот на најопасниот фудбалер по голот на нашата селекција Армандо Садику. Албанецот прими топка на гради, убаво се намести и со десната нога по земја го матираше Дино Захов во поблискиот агол (1-0).

Во 20. минута Ферхан Хасани падна во казнениот простор, но турскиот судија Гочек не ја прекина играта и не покажа на белата точка. Маврај во 28. минута биеше од работ на казнениот простор, но неговиот удар заврши над нашиот гол. 

Пандев со индивидуална акција се обиде во 30. минута, но иако со финта исфрли еден дефанзивец на домаќините, влезе во гужва од каде не можеше ниту да бие, ниту да ја задржи топката во своите нозе. Нашиот капитен се обиде по корнерот на Стјепановиќ во 36. минута, но биеше крај голот. 

Првиот дел заврши со ударот на капитенот Аголи во 43. минута, но топката заврши сантиметри од дирекот на Захов. Со минимално албанско водство и многу проблеми во нашиот табор заврши првото полувреме.

Сепак на почетокот од второто полувреме по грубата грешка на албанската одбрана, Алиоски доби подарок и направи „дар-мар“ во албанската одбрана и ефектно го совлада Бериша за 1-1. Албанците делуваа збунето, Де Бјази го внесе Балај, а на спротивната страна Петровиќ го замени Стјепановиќ. 

Започна да врне со јак интензитет и тоа беше дополнителен ривал за двете екипи во второто полувреме. Скоро цело гледалиште незаштитено од дождот си замина, а главниот судија ги прати сите фудбалери во соблекувалната. Со оглед на пропозициите минаа две третини од натпреварот, а нема ни најава за крај на натпреварот, па судијата Гочек означи крај на натпреварот 15 минути пред регуларниот крај. Се очекува дефинитивната одлука на делегатот на средбата Збиргњев Прземиски од Полска.