ВИДЕО: Алавес во последните секунди ги освои бодовите против Билбао

Фудбалерите на Алавес по пресврт го совладаа Атлетик Билбао со 2-1, во рамките на 25. коло од шпанската Примера. Иако Баскијците поведоа на стартот преку Гарсија, пеналот на Перез и голот во судиското надополнување на Ели беа доволни за бодовите. 

  • Алавес - Атлетик Билбао 2-1:

Резултатот беше отворен во 17. минута кога Руди Гарсија со одмерен удар од шеснаесетникот стрелаше на асистенција на Берчиче. Сепак, радоста кратко траеше бидејќи домаќинот израмни веќе во 28. минута, кога Перез реализираше пенал. Поранешниот стопер на Милан, Родриго Ели беше херој на Алавес, кога во 91. минута се најде на вистинското место по центаршутот на Перез и погоди за триумф. 

Гранада полесно од очекуваното ги освои трите бода на гостувањето кај Осасуна и со 0-3 го задржа жив сонот за европски фудбал идната сезона. Иако домаќинот беше подобра екипа на теренот, средбата беше решена уште во првиот дел, кога беа постигнати сите погодоци. 

  • Осасуна - Гранада 0-3:

Мачис стрелаше во четвртата и 28. минута, кога ги искористи добрите проигрувања од Солдадо и Херера, па од полуконтри реализираше зицери. Точка на средбата стави Фулкиер кога од косо мудро биеше и ја затресе мрежата на Осасуна во 41. минута. Во второто полувреме домашната екипа беше подобра, диктираше темпо и правеше шанси, но не успеа да го загрози голот на Силва.

Ваљадолид во финишот го скрши отпорот на Еспањол и со 2-1 го доби дуелот против „фенерџијата“. Мрежите долго мируваа на „Нуева Зориља“, а домаќинот имаше целосна контрола на играта и заслужуваше триумф.

  • Ваљадолид - Еспањол 2-1:

По долгата доминација и притисок, резултатот го отвори нововлезениот Рамирез во 77. минута кога ја искористи одбиената топка и ја смести во голот на Диего Лопез. Само шест минути подоцна Гвардиола се најде на вистинското место и погоди во празната мрежа, а утешен погодок постигна Ембарба од пенал во судиското продолжение.