ВИДЕО: Алавес ја симна Севиља од врвот со борбено реми во Виторија

Севиља само една недела беше лидер во Примера, откако во последниот неделен натпревар од 14. коло на Примера, извлече само реми во Виторија против Алавес на Питу Абелардо (1-1). Двете изненадувања на сезоната во Шпанија, демонстрираа добар фудбал, а на двата тима им припадна по едно полувреме.

Уморната Севиља од гостувањето во Белгија во четвртокот, многу лошо влезе во дуелот во Баскија и Алавес во првиот дел креираше неколку шанси пред гостинскиот гол. Пред одморот, Јони го изненади Вацлик и донесе заслужена предност на „сино-белите“ (1-0).

Мачин изврши неколку замени, Севиља збркано наметна иницијатива, но зрели шанси не креираше. Сепак, една изолирана акција по десната страна, му понуди можност на Висам Бен Једер во 78. минута и Французинот го совлада Пачеко (1-1).

Во 87. минута Алавeс имаше колосална шанса за победа, но ударот со глава на Аргентинецот Џонатан Калери заврши во стативата, а потоа на гол линија успеа да ја стигне чешкиот голман Вацлик. Со ова реми, Севиља падна на второто место со 27 бода, еден помалку од лидерот Барселона.