Алармот е вклучен, нов тренер и вонредни избори во Црвена Звезда!

Генералниот директор на Црвена Звезда, Звездан Терзиќ, на денешната прес-конференција откри дека во декември ќе бидат одржани вонредни избори за раководните позиции во клубот.

Терзиќ истакна дека одлуката е донесена и покрај тоа што во мај актуелното раководство доби нов четиригодишен мандат.

„Го слушаме народот и донесовме одлука во декември да распишеме нови избори за раководните места во Црвена Звезда. Им испраќам порака на сите заинтересирани кои мислат дека можат подобро и поинаку. Можеби по 12 години раководење со Црвена звезда е време да дојдат нови луѓе“, изјави Терзиќ.

Тој претходно потврди дека Дејан Станковиќ поднел оставка, а најави и дека белградскиот клуб наскоро ќе има нов тренер.

„Новиот тренер мора да биде назначен до петок на полноќ. Тоа е рокот до кој треба да го доставиме неговото име до УЕФА. Веќе разговаравме со некои кандидати во текот на изминатата ноќ и денес. До петок мора да најдеме решение“, порача Терзиќ.

Радикалните промени во клубот се најавени по шокантната елиминација од Лигата на шампионите, каде белградскиот гигант беше поразен од израелскиот клуб, Хапоел Беер Шева.