ВИДЕО: Алаба му даде спектакуларен гол на Донарума, Италија поразена во Виена!

Фудбалската селекција на Италија со пораз ја затвори 2022 година, која што сигурно нема да ја памети по добро. Откако се „лизна“ во клучниот натпревар против Швајцарија во квалификациите, во полуфиналниот плеј-оф меч за Светското првенство запиша болен пораз од Македонија, па затоа вечерва наместо да биде во Катар, одигра пријателска средба со Австрија.

Актуелниот европски шампион повторно ги разочара своите фанови, бидејќи во Виена одигра под очекувањата и на крај загуби со 2-0. Големата победа за Австрија ја обезбедија Шлагер во шестата минута, додека асот на Реал Мадрид, Давид Алаба во 35. минута постигна неверојатен гол од слободен удар од преку триесет метри.

Денес, пријателски натпревар одиграа уште две европски селекции кои нема да настапат во Катар. Во Будимпешта домашната селекција на Унгарија со головите на Салаи и Калмар славеше над Грција со 2-1.

Свој последен натпревар за годината одигра и Македонија, која што на свој терен имаше водство, но на крај со 1-3 загуби од Азербејџан.