Ал-Наср ги расчисти сите дилеми околу Кристијано Роналдо!

Од Ал-Наср ги потврдија последните информации дека Кристијано Роналдо не отпатувал за Мадрид со својот приватен авион и дека и понатаму се наоѓа во Ријад. Клубот објави фотографии и видеоснимки од денешниот ден на кои се гледа како најдобриот стрелец е присутен во тренинг-центарот и работи по индивидуална програма.

Во текот на изминатата ноќ беше регистрирано полетување на приватниот авион на Роналдо кон шпанската престолнина, што предизвика бројни шпекулации за негово евентуално заминување од Саудиска Арабија. Според неофицијалните информации, во леталото најверојатно се наоѓале неговите деца, сопругата и други членови на семејството.

Се претпоставува дека нивното заминување е поврзано со зголемените безбедносни ризици и закани од ракетни и напади со беспилотни летала од страна на Иран по ескалацијата на конфликтот во регионот.

Самиот Роналдо во моментов се соочува со повреда, поради што не тренира со остатокот од тимот. Наместо тоа, тој спроведува рехабилитациска програма во фитнес-салата, со цел што побрзо да се врати во натпреварувачки ритам. Објавените материјали од клубот имаат за цел да стават крај на шпекулациите и да потврдат дека капитенот останува со екипата.

Според распоредот, следниот натпревар на Ал-Наср е закажан за претстојната сабота, а останува да се види дали португалската ѕвезда ќе биде подготвена да му помогне на тимот.