Ал-Келаифи: Мбапе не остана во ПСЖ за пари, му дадов и едно ветување

На прес-конференцијата на која беше промовиран новиот договор на Килијан Мбапе до 2025 година, присутен беше и претседателот на Пари Сен Жермен, Насер Ал-Келаифи.

Тој говореше за договорот со играчот и кажа дека тој не е постигнат поради финансии, туку дека играчот го одбрал ПСЖ пред Реал Мадрид поради проектот кој трае и амбициите на „светците“.

„Парите не беа најважното нешто за Килијан Мбапе. Постои друг клуб во Шпанија кој може да плати повеќе од нас. Спортскиот проект беше најважниот за играчот кој одлучи да биде дел од нас и во иднина. Му дадов ветување на Мбапе дека ако успееме да го задржиме, ќе донесеме и други играчи“, изјави Ал-Келаифи.

Доаѓањето на Килиан Мбапе во Реал Мадрид ќе значеше многу за шпанска Примера. Меѓутоа напаѓачот во последен момент се премисли и ја прифати богатата понуда од францускиот гигант Пари Сен Жермен. Челниците на шпанскиот фудбал не се задоволни од конечниот расплет на овој трансфер. Поради тоа тие најавија официјална тужба до Европската фудбалска унија (УЕФА) поради начинот на кој што 23-годишникот беше натеран да одбие преселба во „кралскиот“ клуб. Ситуацијата ја коментираше претседателот на ПСЖ.

„Можеби Тебас (челникот на Примера) е загрижен затоа што Лига 1 станува посилна од Примера. Таа лига не е истата каква што беше пред три или четири години. Ние го имаме Мбапе во нашиот тим сега, а за останатото, искрено, не сум загрижен“, додаде тој.

Новинарите поставија прашање и за договорот на Мбапе околу финансискиот дел, но првиот човек на ПСЖ откри дека деталите за новата соработка со францускиот напаѓач остануваат во тајност.