„Ако Зидан сака да биде тренер на Баерн, мора да научи германски и англиски“

Славниот германски фудбалер, Лотар Матеус, даде интересна изјава за домашните медиуми, која е поврзана со евентуалниот ангажман на Зинедин Зидан во Баерн Минхен. 

Баварците останаа без титулата во Бундеслигата и првпат во историјата му го препуштија тронот на Баер Леверкузен, а шпекулациите за доаѓање на Зидан се зголемуваат со секој изминат ден. Матеус смета дека Французинот е одличен тренер, но мора да научи германски и англиски за да може да комуницира со играчите и стручниот штаб. 

„Зизу е неверојатен тренер. Тој зад себе има блескава кариера и освои многу трофеи со Реал Мадрид, но ако сака да дојде во Баерн, мора да научи германски. Тој исто така слабо зборува и англиски, па не знам како би се одвивала неговата комуникација со играчите. 

Управата на Баерн е сериозна институција и мислам дека не би избрзала со изборот. Не велам дека Зидан не заслужува да биде во Минхен, но мора да го крене нивото на познавање странски јазици. Тој течно зборува француски и шпански, но овие јазици не играат голема улога во Германија“, изјави Матеус. 

Етапата на Томас Тухел дефинитивно завршува, а неговиот наследник би требало да биде соопштен до крајот на актуелната сезона. Покрај Зидан, во игра за клупата на Баерн се уште неколку познати имиња како Јирген Клоп, Јулиан Нагелсман и Роберто Де Зерби.