• Горан Упале

Фудбалската селекција на Англија повторно не успеа да го исполни сонот на милионските островски фанови и да го „врати фудбалот дома“. „Гордиот Албион“ забележа елиминација во четвртфиналето на Светското првенство во Катар, откако со минимални 2-1 ја загуби средбата со моќната Франција.
Репрезентативците застанаа на страната на Герет Саутгејт, а ниту прилично критичната островска јавност не беше премногу остра кон селекторот. Сепак, Саутгејт сè уште не донел одлука дали ќе остане на кормилото на националниот тим, иако договорот му истекува во јули 2024 година.
Саутгејт својата одлука ќе ја донесе по разговор со семејството, а потенцијалните наследници веќе се подготвени да скокнат во трката за една од најважните тренерски позиции во светскиот фудбал. Како што пишува германски „Билд“, во случај на заминување на Саутгејт, прв кандидат за селектор на Англија би бил Томас Тухел.
Германецот е без ангажман од седми септември, откако доби отказ од Челзи, а се верува дека доброволно би ја прифатил најсложената работа во досегашната тренерска кариера.