• Саше Љолес
Манчестер Сити со години е под лупата на британските институции поради начинот на кој ги водел своите финансиски операции. Според неколку извори, британската Даночна управа уште во 2018 година започнала истрага за можни неправилности поврзани со англискиот шампион.
Истрагата била отворена откако во јавноста се појавиле интерни електронски пораки на клубот, кои беа објавени во германскиот магазин „Шпигл“. Станувало збор за сложени финансиски и даночни аранжмани, поради што институциите започнале да проверуваат дали Сити платил помалку данок од она што бил должен да го плати.
„Фајненшел тајмс“ наведува дека постапката официјално никогаш не била затворена, но сепак, во изминатите години британската Даночна управа не презела конкретни правни мерки против клубот.
Информацијата излегува во јавност во исклучително чувствителен момент за Манчестер Сити. Независната комисија на Премиер лигата неодамна го прогласи клубот за виновен по 114 од вкупно 115 точки поврзани со наводни прекршувања на финансиските правила.
Случајот во Премиер лигата може да резултира со сериозни санкции, меѓу кои се споменуваат одземање бодови, па дури и титули. Сега, дополнителното откритие за даночната истрага повторно го става финансиското работење на клубот во центарот на вниманието.
Засега нема информации дека британските даночни власти подготвуваат конкретна санкција, но фактот што истрагата е отворена уште од 2018 година покажува дека прашањата околу финансиското работење на Манчестер Сити траат со години.
