ВИДЕО: Академија Пандев со два гола ја потврди мизерната сезона на Пелистер

Фудбалерите на Академија Пандев запишаа очекувана победа против последнопласираниот Пелистер (2-0), во натпревар од 27. коло од Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ).

Отпорот на битолчани траеше 51 минута, кога домашниот тим го отвори резултатот со гол од пенал. Димитар Митровски беше сигурен од белата точка и го испрати противничкиот голман Филип Трајчевски на спротивната страна. Претходно домашниот тим имаше јалова инцијатива која не успеа да ја награди со погодок во првото полувреме. Одбраната на пелистерци беше на посакуваното ниво, но нападот не донесе никаква закана кон голот на „пандевци“.

Неколку минути по водството, Пепи Ѓоргиев имаше добра позиција да постигне втор гол. Меѓутоа премногу чекаше и на крај дозволи да биде блокиран. Пелистер немаше конкретна идеја во офанзива, а домашните се обидуваа со втор погодок да ја потврдат победата. Доминацијата на Академија Пандев не престана до крајот, која за нивна среќа беше крунисана со нова реализација. 

Голема шанса во завршните дваесет минути ја пропушти стрелецот Митровски. Овојпат беше себичен и сакаше сам да ја комплетира акцијата, но погреши и ја промаши рамката од голот на гостите. Печат на триумфот стави Кристијан Велиновски на пет минути до крајот.

Струмичката екипа продолжи да ја следи Шкендија и остана на третата позиција на табелата, а Пелистер од дното го чека крајот на сезоната, кој сигурно ќе донесе разочарување кај неговите фанови. Во следното коло „пандевци“ ѝ гостува на Ренова, а пелистерци ќе се сретнат со лидерот Шкупи на домашен терен.