Академија Пандев сигурна, на победите им се врати и Новаци!

Денес во ист тајминг како и прволигашките, се одиграа и сите натпревари од Втората лига, во рамките на 11. коло. Лидерот Академија Пандев беше сигурен на гостувањето во Кичево кај Влазерими и го совлада со резултат од 1-2. Струмичани до победата дојдоа по пресврт, откако домаќинити поведоа преку Агрон Зеќири во 26. минута, за да до полувреме Јани Атанасов израмни на 1-1. Победничкиот гол за Академија Пандев во вториот дел го даде искусниот Балдовалиев, кој погоди од пенал во 71. минута.

Новаци, по неочекуваниот пораз во минатото коло, се врати на победите и тоа совладувајќи го на гости тимот на Металург со резултат од 0-2 и на тој начин се врати на второто место на табелата. Двоен стрелец за Новаци беше Александар Неданоски.

Во скопскиот дерби дуел Еуромилк ГЛ во натпревар со доста голови го совлада Скопје со резултат од 3-2. Симеон Христов и Андриан Чаволи погодија во првото полувреме за предност на паузата од 2-0 во полза на клубот од Горно Лисиче. Христијан Пецов во 71. минута намали на 2-1, но Христов со својот втор денешен гол во 79. минута донесе ново водство од два гола за домаќините (3-1). Во финишот Скопје само го ублажи поразот со голот на Томче Велкоски.

Хоризонт Турново беше сигурен пред своја публика и славеше над Тетекс со 3-1. Погодоците за победничката екипа ги постигнаа Иванов, Јанев и Илиев, додека почесниот гол за „штофарите“ го даде Дервиши. Тиквешкиот дерби дуел помеѓу Љубанци Кавадарци и Вардар Неготино заврши без победник со резултат од 1-1.