ВИДЕО: Академија Пандев пред очите на газда Горан до бод со шампионот

Фудбалерите на Академија Пандев и Шкупи го поделија пленот, откако одиграа нерешени 1-1 во пресметката од 24. коло на ПМФЛ. Дуелот на СЦ „Горан Пандев“ во Струмица понуди две различни полувремиња, а клучен момент беше црвениот картон на Али Адем. „Пандевци“ го искористија тој момент и дојдоа до голем бод. 

Васоски се одлучи за Галевски во стартниот тим на местото на недоволно залечениот Велиновски. Неговиот колега Седлоски одговори со систем 3-3-1-3, со Алварез во улога на плејмејкер. Во првата минута  Младеновски со лизгачки старт спречи голема опасност, по акцијата на домашниот капитен Бојан Димовски. Шкупи возврати само една минута подоцна со „бомбата“ на Фреди Алварез, која заврши многу непрецизно. 

По петнаесеттина минути испитување на силите, Шкупи имаше голема шанса по грешното излегување на Алчевски, но напаѓачот од Јамајка, Цефас не се координираше најдобро и не упати удар кон празната мрежа. Првиот удар на Академија Пандев кон голот на Наумоски, беше скратениот корнер на Димовски, кој заврши преку голот во 22. минута. Клучниот момент во натпреварот се случи во 27. минута, кога Али Адем со високо подигната нога го закачи Донов во главата и судијата Пилешков му покажа директен црвен картон.

Сепак, наместо „пандевци“ да доминираат, само три минути подоцна поведоа чаирчани. Алварез изведе слободен удар, топката ја прелета цела одбрана и на втора статива Грузецот Гаги Маргвелашвили со реакција на напаѓач на погоди домашната мрежа (0-1). Пет минути подоцна Шкупи имаше зицер за зголемување на водството. Куевен повлече, Цефас од десната страна центрираше по земја, но ударот од неколку метри на Адетунџи, младиот Алчевски инстиктивно го одбрани. Емоциите во првиот дел завршија со првата голема шанса за Академија Пандев. Во втората минута од судиското надополнување, Агрон Руфати распали со десната нога, но неговата дијагонала со пантерска одбрана Наумоски ја исфрли во корнер.

Второто полувреме започна со колосална шанса на „чаирчани“ да дојдат до двојна предност. Сандеј Адетунџи одново покажа дека не е во посакуваната форма, па иако беше во зицер позиција, не успеа да погоди за удвојување на позитивата. Академија Пандев полека, но сигурно градеше игра со која ќе го загрози ривалот. Бројчаната предност на теренот беше видлива и почна да се отсликува врз играта на екипите. 

Се играше грубо, Шкупи често ја сецкаше играта и тоа изнуди револт кај домашните фудбалери. По долго кружење околу бедемот на гостите, Академија Пандев најде пукнатина и Гаги Маргвелашвили направи пенал. Одговорноста ја презеде Кристијан Велиновски, па со удар по средината стрела за 1-1, резултат кој се испостави како конечен. 

Ова реми беше директна услуга за Струга Трим која сега со 46 бода има четири повеќе од Шкупи. Академија Пандев пак има 20, шест повеќе од Скопје кој е во опасната зона.