Академија Пандев потклекна пред силниот Левски

Екипата на Академија Пандев продолжи со пријателските натпревари и доживеа пораз на натпреварот против Левски (1-3), кој се играше за трофејот „Георги Соколов“, легенда на клубот, родена пред 80 години.

Бугарскиот колектив иако се соочи со проблеми на стартот поради повредата на еден од главните играчи, тоа е Ивелин Попов, сепак, лесно ја запиша победата над струмичани во натпреварот на домашен терен.

Уште во 6. минута, Роналдо го отвори резултатот, а потоа на 2-0 зголеми Бари кој во листата на стрелците се запиша во 34. минута. Се играше 70. минута кога бугарскиот тим даде и трет гол, повторно преку Бари, а поразот го ублажи Сашко Пандев во 82. минута од натпреварот.

Академија Пандев се подготвува за настап во Конференциската лига на УЕФА каде ќе игра во првото коло против полска Лехија.

Фото: Спортал.бг