ВИДЕО: Академија Пандев по пенали до историја, го освои Купот на Македонија!

Екипата на Академија Пандев е победник на 27. издание од фудбалскиот Куп на Македонија, откако во дуел со четири гола, по изведување на пенали, струмичани беа поуспешни од Македонија Ѓорче Петров (2-2, 6-4 по пенали)

Се играше активен фудбал, се имаше доста шанси, но победникот во Купот на Македонија го дадоа пеналите. Рулетот на ударите од белата точка беше посреќен за тимот на Академија Пандев, која дојде до историски успех и го освои првиот трофеј во историјата по влезот во ПМФЛ.

Дуелот во Скопје меѓу двете екипи почна доста со тактичко надмудрување, а се играше и доста агресивен фудбал, посебно од страната на Македонија Ѓорче Петров која имаше далеку повеќе прекршоци од „пандевци“. Резултатот се отвори во 10. минута, кога атрактивно погоди Сашко Пандев.

Искусниот фудбалер на струмичани доби топка на дваесет и пет метри, се ослободи од чуварите и со силен удар успеа да ја стресе мрежата на Јовановски, за голема радост на дебитантот во Куп-финалето. Радоста на „пандевци“ траеше не премногу долго, затоа што во 21. минута, „лавовите“ изедначија на 1-1, откако Робсон да Силва уште еднаш се покажа како одличен изведувач на прекини и од 19 метри од слободен биеше за изедначување.

По двата гола темпото на игра малку се смири, а шансите продолжија дури во 40. минута, кога Да Силва имаше нов слободен удар, овој пат откосо, но сега Чубраковиќ ја прочита неговата намера. Пред финишот на првиот дел се закани Љупче Дориев, но безуспешно.

Активниот фудбал продолжи и по паузата, во 51. минута Македонија ЃП имаше шанса преку Билали, но неговиот шут заврши над голот, а во 55. и 58. минута, Дориев и Стоилов имаа можност за „пандевци“, меѓутоа Јовановски беше на висината на задачата. Потоа, следеше нов пад на играта, се играше воглавно во средината на теренот, а главна опасност за двата голмани беа шутевите од далечина.

Во 77. минута Македонија ЃП ја имаше најсериозната шанса во вториот дел, кога една добро комбинирана акција заврши до Кировски, а тој се обиде да погоди со шут по земја, арно ама голманот на Академија Пандев ја прочита намерата и изби во корнер.

Вистинските возбудувања во Куп-финалето следеа во последните десет минути. Во 84. минута, Тантуровски по една нафрлена топка реализира со глава за 2-1, а две минути подоцна, „пандевци“ добија пенал, кој во гол го претвори Љупче Дориев. До финишот на мечот немаше сериозни шанси, па дуелот замина во продолженија.

Првото продолжение мина мирно, без шанси на обете страни, а на стартот на вторите 15 минути, Да Силва нафрли од слободен удар, Божиновски биеше одлично со глава, но уште подобра беше одбраната на Чубраковиќ кој успеа да ја сочува мрежата. До финишот немаше голови, па дуелот замина на пенали.

Серијата ја отвори Робсон да Силва од Македонија ЃП чиј удар Чубраковиќ го прочита, а за Академија Пандев, реализира Стоилов. Потоа Карваљо погоди за „лавовите“, Дориев за А. Пандев, а стрелаа и Лукас (МЃП), Илиев (АП), за потоа Тантуровски да промаши за МЃП, а Велинов да го погоди клучниот пенал, за голем триумф.