Академија Пандев му се заблагодари на Васоски и му посака успех во новиот клуб

Македонскиот фудбалски стратег Александар Васоски започнува интернационална тренерска кариера, откако ги договори сите услови за трансфер од Академија Пандев во редовите на босански Сараево.

Оваа информација уште пред неколку дена беше објавена од страна на босанските медиуми, а денес пристигна и потврдата од македонскиот прволигаш.

„Академија Пандев и тренерот Александар Васоски спогодбено се разделуваат. Желбата на Васоски ќе ја испочитуваме и му посакуваме големи успеси во новиот тренерски предизвик во ФК Сараево.

Шефе ти благодариме на соработката!“, велат од редовите на Академија Пандев.

Во последните денови од 2021 година Сараево спогодбено го раскина договорот со Горан Саблиќ, а Васоски по последниот состанок ги договори условите и така ќе биде втор тренер странец во низа во „бордо“ тимот.

42-годишниот тренер одлично работеше во Македонија. Со Вардар стана шампион и тоа со подмладен тим, па замина во Струмица, град во кој со Академија Пандев дојде до финалето од Купот на Македонија, а оваа година е на втората позиција на крајот од полусезоната.

Прочитајте повеќе околу тековните трансфери во Македонија и светот на ОВОЈ линк.