„Академија Пандев ќе брка победа по секоја цена, но Шкупи ќе ги освои трите бода“

Екипата на Шкупи денес го одработи последниот тренинг пред утрешниот натпревар од 26. коло на ПМФЛ против Академија Пандев.

Чаирчани ја имаат улогата на благ фаворит на дуелот во Струмица, а младиот Али Адем смета дека иако домаќиниот по секоја цена ќе оди на победа, бодовите на крај ќе заминат за Скопје.

„Секако дека ќе биде многу тежок натпревар, бидејќи играме на гостински терен. Тоа е тежок терен, но верувам дека ќе успееме да ги освоиме трите бода. Максимално сме мотивирани, но знаеме дека Академија Пандев ќе бара победа по секоја цена, бидејќи таа сè уште е во опасната зона. Но, ќе повторам дека ќе атакуваме на победа и ќе одиграме одличен натпревар“, рече Али Адем.

Натпреварот меѓу Академија Пандев и Шкупи, како и останатите четири од утрешната програма на ПМФЛ ќе започнат од 13:00 часот.