Академија Пандев го скрши мразот, победи по месец и пол во ПМФЛ!

Екипата на Академија Пандев конечно го скрши мразот и, иако беше без тренерот Александар Васоски на клупата (суспендиран), успеа да победи против Силекс (3-0), што е прв триумф за „пандевци“ по повеќе од месец и половина во домашната лига.

Дуелот на комплексот на Академија Пандев започна мирно, а првата иницијатива ја имаше гостинот од Кратово. Силекс имаше две шанси, ама не ги искористи. Казната пристигна во 25. минута, кога од дваесетина метри биеше Илија Донов, а топката отскокна пред голманот Божиновски и заврши во мрежата.

По дадениот гол, Академија Пандев продоли да притиска, пречката ја погоди Димитар Митровски, па на спротивната страна слична можност за израмнување имаше Силекс преку Серафимовски, ама и тој ја погоди пречката. На паузата домашните имаа предност од еден гол, а на самиот старт на вториот дел, победата се потврди, Димитар Трајков биеше откосо во мрежата на Божиновски, за 2-0.

Тимот на Горазд Михајлов беше во нокдаун, но имаше две шанси во низа кои не ги искористи повторно. Се обиде гостинот да ја поправи реализацијата и со уфрлување на двометрашот Обадовиќ, но и тој не помогна. На десет минути пред крајот, по една контра, Виктор Ангелов погоди по земја за 3-0 и тоа беше конечниот исход во Струмица.

Академија Пандев со овој триумф се доближи до осмото место на кое е Работнички. Во следната рунда тимот на Васоски гостува кај Скопје. Силекс, пак, ќе биде домаќин на Струга.