Академија Пандев го претстави првото засилување: Танушев се врати во Струмица

Амбициозниот прволигаш Академија Пандев зад себе ја остави најуспешната сезона во својата историја. Преку домашниот шампионат обезбеди европска сцена (трето место на табелата), а за првпат успеа да го крене и трофејот од националниот Куп. 

Поради квалификациите за Лига Европа, Тренчовски веќе ги построи своите пулени, а раководството на клубот утрово му го донесе и првото засилување. Ѓорги Танушев и официјално е дел од „пандевци“.

Танушев е струмичко дете, а минатата сезона настапуваше за екипата на Победа и ќе биде одлично освежување во средниот ред. Покрај Танушев, во сениорскиот тим се вратени и Кристијан Велиновски кој беше позајмен во Брегалница, како и Емир Скендери кој беше пратен на позајмица во Кожуф.

Академија Пандев почетните подготовки ги извршува во Струмица, а за една седмица ќе замине во Банско, каде ќе одигра и неколку контролни средби.