• Иван Димовски

Арсими ќе го дочека Пелистер во последниот натпревар од 16. коло на Првата македонска фудбалска лига, по кој ќе се спушти завесата на првата полусезона во мак-фудбалот.
Пред важната средба на Арсими очекувањата ги сподели Ринор Ајдини. Тој ги повика навивачите да го поддржат тимот против битолчани.
„Овој натпревар е исклучително важен за нас. Сме во позитивен момент по победите над Шкендија и пред неколку дена против Силекс во Кратово, но тие победи добијат целосна вредност само ако успееме да славиме на овој натпревар. Мора да влеземе концентрирани и без потценување, затоа што Пелистер знае да биде опасен.
Нашата цел е јасна, да ja завршиме полусезоната со победа. Работевме многу и веруваме во нашите сили. Се надеваме дека навивачите ќе бидат со нас, затоа што нивната поддршка ни дава дополнителна енергија”, изјави Ајдини.
Средбата на „Градскиот стадион“ во Гостивар е на програмата во 13:00 часот. Арсими има шанса да се одлепи над опасната зона бидејќи моментално е на „плус три“ со 21 бод, додека Пелистер има 15 и се наоѓа на десеттата позиција.

