Ајакс се пофали со најскапото засилување во историјата на холандскиот фудбал

Холандскиот гигант Ајакс утрово и официјално го потврди трансферот на одличниот напаѓач Себастијан Алер. Францускиот голгетер во редовите на клубот од Амстердам доаѓа од Вест Хем, за трансфер вреден 22,5 милиони евра. 

Со „копјаниците“ потпиша договор на четири и пол години, а интересно е тоа што неговото име ќе биде испишано во историјата на холандскиот фудбал. Имено, со овој трансфер Алер стана најскапоплатениот фудбалер кој се преселил во клуб од Холандија. Претходно, овој примат го имаше Давид Нерес, кој пред три години за 22 милиони од Сао Паоло премина во Ајакс. 

Алер бил специјална желба на тренерот Ерик Тен Хаг, со кого заедно соработуваа во редовите на Утрехт, кога францускиот напаѓач блеснаше со своите настапи. Вреди да се напомене дека 26-годишниот голгетер пред само една и пол година за трансфер вреден 50 милиони евра од Ајнтрахт Франкфурт се пресели во Вест Хем, но не ги оправда очекувањата во англискиот премиерлигаш. 

Прочитајте повеќе околу тековните трансфери во Македонија и светот на ОВОЈ линк.​