Ајакс не се откажува од Таљафико, одличниот бек ја продолжи соработката со „копјаниците“

Аргентинскиот фудбалер Николас Таљафико не размислува за промена на средината и го продолжи договорот со сегашниот клуб Ајакс до 2023 година.

Одличниот лев бек со холандскиот гигант имаше договор до 2022 година, но сега нивната соработка ќе трае плус уште најмалку една година. Причината за оваа одлука на Ајакс е многу јасна, тие сакаат да го „блиндираат“ својот бек, затоа што во последниот период за неговите услуги има голем интерес од бројни европски гиганти.

Во последниот преоден рок 28-годишниот играч имаше контакт со Челзи, а потоа и со Барселона. Челниците на Ајакс не сакаа да ризикуваат потенцијално заминување, па му дадоа нов договор на Аргентинецот.

Таљафико дел од холандскиот гигант е од јануари 2018 година, кога пристигна од Индепендиенте за четири милиони евра. Во меѓувреме, тој одигра 111 натпревар и постигна 12 гола.