• Саше Љолес
Холандскиот гигант Ајакс од Амстердам продолжува со очајната форма во која се наоѓа и уште еднаш максимално ги разочара своите навивачи, откако загуби од ривал кој во минатото примал и по десет голови од славниот клуб.
Ајакс загуби во шеснаесетфиналето од Купот на Холандија со 3-2 од четвртолигашот УСВ Херкулес, кој во својата историја двапати примл по десет гола од четирикратниот европски шампион. Домашниот тим имаше минимално водство на полувремето (1-0), а во вториот дел поведе со 2-0, за огромен шок меѓу гостинските навивачи.
Гигантот од Амстердам успеа во последните десет минути да израмни на 2-2, но „експлозијата“ пристигна во 93. минута, кога Гротеберг ги постави конечните 3-2, фрлајќи го во агонија славниот холандски тим.
Во домашното првенство Ајакс мака мачи да ја пронајде вистинската форма и во моментов е на петтата позиција со само 25 бода, скоро без никакви шанси да се вмеша во борбата за самиот врв. Клубот е во финансиска криза, а очигледно и тимот комплетно се вклопи во ужасната слика сезонава. Навивачите побараа драстични промени во играчкиот кадар, но тоа е исклучително тешка мисија, со оглед на проблемите со кои се соочува управата.