Ајакс е единствен клуб: Од титулата ќе прави 42.000 ѕвездички за навивачите (ВИДЕО)

Ајакс

Ајакс и оваа сезона ја освои шампионската титула во Ередивизие. Навивачите немаа можност да бидат дел од натпреварите, поради пандемијата со коронавирусот.

Меѓутоа оние кои имаат сезонски влезници ќе добијат парче од шампионскиот трофеј. Клубот од Амстердам одлучи да направи 42.000 мали ѕвезди и истите ќе им ги додели на своите приврзаници.

Убавата вест ја соопшти генералниот директор на „копјаниците“, Едвин ван дер Сар.

„Оваа сезона игравме без навивачи. Всушност без нив на трибините. И покрај сè, ние ја чувствувавме нивната поддршка секоја недела, од доаѓањето на стадион, преку социјални мрежи и личните контакти. Кога порано рековме дека „и оваа титула е ваша“, мислевме на навивачите, а споделувањето на трофејот е врвен доказ дека сме сериозни во таа намера. По бурната година, сакаме сите наши навивачи да бидат среќни“, изјави холандската легенда.

Ајакс беше доминантен во домашните натпреварувања, каде се израдува и на титулата во Купот.