АИК склучи договор со Партизани за позајмица на Јасир Асани

Јасир Асани

Поранешниот фудбалер на Победа, Вардар и Шкупи, Јасир Асани, кариерата ќе ја продолжи во шведското првенство.

Младиот 24-годишен играч, кој од пред две години настапува во Партизани, ќе замине на позајмица во редовите на екипата на АИК од Стокхолм. Постои и опција новиот клуб на Асани да му понуди долгорочна соработка во јуни 2020 година.

„Фудбалот е моја голема страст и чест ми е што ќе имам шанса да играм за АИК, а воедно тоа е одлична можност за мене. Ќе направам се што можам за да ја заработам љубовта од раководството, новите соиграчи и навивачите“, изјави фудбалерот кој е роден во Скопје.

Во тековната сезона, Асани одигра 12 меча и постигна три гола, со кои му помогна на Партизани да застане на четвртата позиција во албанското првенство. 

Откако дебитираше во младинските категории на македонската репрезентација, во 2016 година талентираниот фудбалер одлучи да земе албанско државјанство и да продолжи да настапува за репрезентацијата на Албанија за фудбалери до 21 година.

Дебитираше против Саудиска Арабија кога го постигна и својот првенец.