• Саше Љолес

Поранешниот аргентински напаѓач и долгогодишен член на Манчестер Сити, Серхио Кун Агуеро пристигна во Истанбул и ќе го проследи финалето од Лигата на шампионите, кое неговиот поранешен тим ќе го одигра против италијански Интер.
Агуеро е вистинска легенда на „граѓаните“ и за време на својот престој во Манчестер, постигна вкупно 184 гола на 275 одиграни натпревари. Пензионираниот напаѓач изјави дека со цело срце и душа ќе навива за својот поранешен тим и верува во победа над Интер.
„Пристигнав во Истанбул да им дадам поддршка на сите во тимот. Не би ја пропуштил финалната пресметка за ништо на светов и искрено се надевам дека „граѓаните“ на крајот ќе го кренат трофејот. Овој пат ќе бидам заедно со навивачите на Сити, тие имаат голема почит за мене, но и јас за нив. Се надевам дека ќе уживаме заедно во прекрасен фудбалски спектакл“, изјави Агуеро.
Тој исто така се осврна и на подготвеноста на момците на Пеп Гвардиола и рече дека не се сомнева во нивната мотивираност и гладот за успех.
„Кога ќе го погледнам тимот, гледам победнички менталитет и прекрасна дружина од момци кои неизмерно се почитуваат меѓусебно. Не се сомневам во нивната подготвеност. Оваа сезона тимот се издигна уште повисоко и сега е на само еден чекор од фамозната „триплета“. Интер е одличен тим, но Манчестер Сити е фаворит и се надевам дека ќе ја оправда дадената улога“, заклучи Серхио Агуеро.
Многу активни и поранешни фудбалски легенди пристигнаа во Истанбул за големото финале во Лигата на шампионите. Меѓу присутните на трибините и во свечената ложа, покрај Агуеро, ќе бидат уште многу познати имиња кои ќе бидат сведоци на овој спектакл.