ВИДЕО: Аганспахиќ човек на одлука, Шкендија со играч помалку го реши Силекс

Екипата на Шкендија по голема борба успеа да триумфира над незгодниот Силекс и слави со 3-1 (1-1) во дербито од 18. коло во Првата македонска фудбалска лига. Домашниот тим играше со играч помалку од 69. минута, но успеа да ја сочува минималната предност до самиот крај. 

  • Шкендија - Силекс 3-1: 

Првото полувреме започна со динамична игра и допадлив фудбал на двете страни. Публиката беше сведок на два гола во првите петнаесет минути, а најпрво домашниот тим успеа да го пронајде патот до мрежата. Аганспахиќ искористи одлично нафрлена топка и со глава го матираше гостинскиот голман Андов. Шкендија поведе со 1-0 во осмата минута, но потоа следуваше една катастрофална грешка на одбраната, по која Марко Ѓоргиевски продре во шеснаесетникот и беше фаулиран, а судијата Јован Качевски досуди пенал и му покажа жолт картон на Адили. Младиот Ѓоргиевски биеше максимално прецизно и го израмни резултатот во 18. минута. 

Во продолжение темпото малку опадна, иако Шкендија постојано се трудеше да игра високо пред противничкиот гол. Силекс делуваше прилично стабилно и не му дозволи на домашниот тим лесно да создава шанси, а до крајот на првото полувреме остана истиот резултат, 1-1. 

Стартот на вторите 45 минути донесе малку помирно темпо, но Шкендија бргу се наметна и прва се закани по голот. Со глава биеше Аденис Шаља, но Андов го спаси својот гол. Тетовчани делуваа многу помотивирано и го притискаа ривалот од Кратово, а круната за иницијативата дојде во 60. минута, кога Аганспахиќ вторпат ја затресе мрежата по една одлична акција на домашниот тим. Босанскиот интернационалец стигна до својот седми гол сезонава, а Шкендија одново имаше минимално водство. 

Во продолжение Силекс малку повеќе го „отвори гардот“ и се обиде да стигне до ново израмнување, но работите не се одвиваа премногу лесно за кратовчани. Шкендија остана со играч помалку откако Бруно Дита влезе во вербален дуел со судијата Качевски, по што овој му беше покажан втор жолт картон. Овој момент се случи во 69. минута, а веднаш потоа домашните за малку не си постигнаа ефектен авто-гол. Силекс тргна во офанзива и се обиде да дојде барем до бод, но и Шкендија немаше намера само да се брани и често излегуваше во напад, а Чинари во два наврата имаше изгледна шанса за погодок. До крајот видовме уште неколку шанси на двете страни, а точка на триумфот стави Енур Тотре, кој ги постави конечните 3-1 во 93. минута од натпреварот. 

Шкендија со оваа победа стигна до 35 бода и ќе „презими“ на третата позиција, додека Силекс останува на 27 бодови и е едно место подолу на табелата во Првата македонска фудбалска лига.