Африкански Куп на нации: Мароко прв фаворит да го симне Сенегал од тронот

Пред нас е уште едно издание на Африканското Првенство на нации. Турнирот овој пат ќе се одигра во Брегот На Слоновата Коска, а најсилните селекции од „црниот континент“ ќе ги одмерат силите на овој собир по вкупно 34. пат во историјата. 

Првите возбудувања ќе започнат на 13 јануари, кога домашната селекција ќе го отвори првенството со меч против Гвинеја-Бисау, а програмата ќе се збогати од вториот ден и ќе имаме по три меча во различни термини, освен во последното коло од групната фаза. Неколку репрезентации се издвојуваат како фаворити за трофејот, а според обложувалниците, најголема шанса ѝ се дава на селекцијата на Мароко. 

Четвртопласираниот тим од последниот Мундијал има коефициент 6, а веднаш зад нив е Сенегал со коефициент 7. На третото и четвртото место се наоѓаат Алжир и Брегот На Слоновата Коска со коефициент 8, додека Египет и Мо Салах имаат коефициент 10. Секако, не се исклучени и можностите за евентуални изненадувања, какви што често имало на Африканскиот Куп, но сепак, Мароко е тимот кој се истакнува најмногу пред другите. 

Египет сѐ уште е апсолутен рекордер по бројот на освоени титули (седум), а на второто место е Камерун со пет. Гана има еден трофеј помалку, а три титули во своите витрини има и репрезентацијата на Нигерија.

Првиот натпревар на овогодинешното издание ќе го одиграат Брегот На Слоновата Коска и Гвинеа-Бисау, а почетокот е закажан за 21:00 часот по македонско време. Навивачите од целиот свет ќе имаат можност да уживаат во мајсториите на големи ѕвезди како Салах, Хакими, Зијеч, Мане, Гираси, Абубакар, Але, Осимен, Унаи, Кудус и останатите. Актуелен бранител на трофејот е репрезентацијата на Сенегал.