Африкански клуб ќе игра во втората шпанска лига!

Клубот од шпанската енклава Сеута, лоцирана на северниот брег на Африка, обезбеди пласман во Ла Лига 2 и стана првиот африкански клуб што ќе настапува во професионална европска лига. Ова е огромен успех за клубот што е формиран во 1956 година, а никогаш досега не играл ниту во Примера, ниту во Сегунда.

Сеута до историскиот успех стигна со победа од 2-1 на гостувањето кај Фуенлабрада, со што два кола пред крајот го осигура првото место во Група 2 од третата лига. Со тоа избори директен пласман меѓу второлигашите и зад себе ги остави екипите на Реал Мурсија и УД Ибица.

Каде точно се наоѓа Сеута? Станува збор за град со околу 85.000 жители, сместен на самиот север на африканскиот континент, јужно од Гибралтар и северно од Мароко. Иако географски се наоѓа во Африка, политички и административно Сеута е дел од Шпанија и Европската Унија.
Градот има статус на автономна шпанска територија и се простира на површина од само 18.5 км².

Клубот низ историјата минувал низ тешки периоди, со чести административни и финансиски проблеми, како и промени на името, но конечно, по 58 години чекање, го направи големиот чекор. Сеута влегува во историјата како африкански клуб со европска фудбалска приказна.