Африка се подготвува за спектакл: Кој ќе биде новиот континентален владетел?

Фудбалскиот свет се подготвува за уште еден голем континентален спектакл - Африканскиот Куп на нации, кој ќе се одржи во Мароко од 21 декември до 18 јануари. Ова ќе биде 35-то издание на најпрестижниот репрезентативен турнир на африканскиот континент, на кој ќе учествуваат 24 најдобри национални селекции, поделени во шест групи.

Африканскиот Куп на нации има богата историја која започнува во 1957 година и со децении претставува сцена за раѓање на фудбалски легенди, драматични натпревари и големи изненадувања. Египет е најуспешната репрезентација во историјата на турнирот со рекордни седум освоени титули, додека по него следуваат Камерун и Гана. Турнирот често знаел да донесе неочекувани шампиони и да покаже дека африканскиот фудбал е полн со талент, страст и непредвидливост.

Мароко по вторпат ќе биде домаќин на Африканскиот Куп на нации, а првпат по далечната 1988 година. Натпреварите ќе се играат во неколку градови низ земјата, на модерни стадиони, а домаќинот ќе се обиде да ја искористи поддршката од трибините за да стигне до втората титула во својата историја, по онаа освоена во 1976 година.

Турнирот ќе започне со групната фаза, по која најдобрите репрезентации ќе продолжат во нокаут фазата - осминафинале, четвртфинале, полуфинале и финале, кое е закажано за 18 јануари 2026 година. Во период од речиси еден месец, љубителите на фудбалот ќе имаат можност да следат врвни натпревари, големи дербија и силна борба за континенталната круна.

Меѓу најголемите фаворити за освојување на трофејот се селекцијата на Мароко, како домаќин и една од најквалитетните африкански репрезентации во последните години, потоа Сенегал, кој и понатаму важи за еден од најкомплетните тимови на континентот, како и Египет, кој секогаш настапува со јасна амбиција да ја зголеми својата рекордна колекција на титули. Во кругот на фаворитите се вбројуваат и Нигерија, Алжир и актуелниот шампион - Брегот На Слоновата Коска, репрезентации кои располагаат со богато искуство и силни индивидуалци.

Африканскиот Куп на нации 2025 се очекува да донесе нови ѕвезди, незаборавни моменти и уште една потврда за растечкиот квалитет на африканскиот фудбал. За навивачите, турнирот претставува празник на играта, културата и страста, а за репрезентациите - можност за спортска бесмртност на најголемата сцена на црниот континент.