• Иван Димовски
Фудбалерите на Египет го детронизираа актуелниот владетел на Африканскиот Куп на нации, откако со 3-2 славеа во четвртфиналниот дуел против Брегот на Слоновата Коска. Еѓипќаните имаа повеќе нерви и умешност во клучните моменти, па се пласираа во полуфиналната фаза.
- Извештај од натпреварот:
Средбата на „Стејд Адрар“ во Агадир тргна со ран погодок. Асот на Манчестер Сити, Омар Мармуш стрела по само четири минути игра по асистенција од Ашур за 1-0. „Слоновите“ се обидоа да се вратат и имаа обид преку Амад Диало, меѓутоа не успеаја. Казната стигна во 32. минута, Мохамед Салах нафрли, а Рами Рабиа со глава го матира противничкиот голман (2-0).
Тоа не беше сè во првиот дел, бидејќи капитулира египетската одбрана. Течеше 40. минута кога Ахмед Фатух сам си ја стресе мрежата (2-1).
Во одличен момент на стартот на второто полувреме Египет успеа пак да ја удвои предноста, а стрелец на голот беше Мохамед Салах. Во продолжението Брегот на Слоновата Коска успеа да намали на 3-2 преку Гуела Дуе во 73. минута. Сепак, до крајот на средбата мрежите мируваа.
Во полуфиналето Египет ќе се судри со селекцијата на Сенегал, а во второто полуфинале играат Нигерија и домаќинот Мароко.



