Афера „Пицагејт“: Силвестре потврди кој го погодил Фергусон со пица по главата

Микел Силвестре, поранешниот играч на Манчестер Јунајтед и Арсенал, во едно интервју се наврати на легендарниот натпревар меѓу двете екипи од пред 16 години, кој е познат под прекарот „Пицагејт“.

Пред тој дуел против „ѓаволите“, „машинеријата“ на Арсенал врза 49 натпревари без пораз, додека на другата страна, фудбалерите на Фергусон беа решени да му застанат на патот на големиот ривал и успеаја во тоа, победувајќи со 2-0.

По завршувањето на натпреварот тензиите се префрлија во подтрибинскиот простор, каде двете страни физички се пресметаа, а менаџерот на домаќините доби пица – директно во главата. 

„Обезбедувањето не делеше, имаше туркање и удари на сите страни. И одеднаш, од некаде долета пица и го погоди Фергусон директно во главата. Сер Алекс полуде во тој момент, но никој не знаеше кој го удри. По извесен период чув дека Фабрегас бил „напаѓачот“, а кога се преселив во Арсенал го прашав дали е вистина. Тој ми одговори потврдно“, вели поранешниот француски дефанзивец. 

Силвестре од 1999 до 2008 година го носеше дресот на Јунајтед, а потоа две сезони настапуваше за Арсенал. Кариерата ја заврши во Индија во 2014 година.