Адриан: Луда недела, не можев да посакам подобро добредојде во Ливерпул!

Кога го нема најдобриот светски голман Алисон, тука е неговата замена да покаже дека е на висината на задачата. Челзи вторпат во неполна деценија загуби натпревар од Суперкупот на Европа по изведување на пенали, а за тоа најзаслужен е Шпанецот Адриан кој го одбрани последниот пенал на Абрахам.

„Ова беше луда недела. Не можев да посакам подобро добредојде во Ливерпул. Многу сум среќен за тимот, за Ливерпул, за фановите. Беше многу долг натпревар, но добро е што на крајот добро заврши за нас“, рече херојот Адриан.

Капитенот Хендерсон пак го подигна големиот пехар на УЕФА, овојпат по голема драма во споредба со Мадрид и финалето на Лигата на шампионите.

„Пресреќни сме што се враќаме дома со трофеј. Сакавме да продолжиме да победиме и серијата вечерва продолжи. Беше многу тешко, игравме по голема спарина, продолжението едвај го издржавме. Пресреќен сум за Адриан“, рече капитенот.

Со четири финалиња во низа, две загубени и две освоени, Ливерпул е нов неприкосносевн владетел на Европа и во декември може да стане светски првак на Мундијалот за клубови каде ќе ја претставува Европа.