Адиос Реал Мадрид - Рамос го моли Флорентино за раскин за да потпише во Кина!

Се подготвува голема револуција во таборот на шпанскиот гигант Реал Мадрид. Една година по заминувањето на Кристијано Роналдо, екипата веројатно ќе остане без капитенот Серхио Рамос. Човекот кој влезе во историјата на клубот како најдобар стрелец меѓу дефанзивците и кој донесе многу значајни победи и трофеи, побарал од претседателот Флорентино Перез раскин на договорот за да замине во Кина.

Иако е обврзан да остане во белиот дрес уште две години со клаузула од 800 милиони евра, Рамос се сретнал со претседателот и побарал да му дозволи да си замине без обештетување, како би издејствувал поголема плата за себе. Перез првично го одбил ова барање на Андалузијецот, но 33-годишниот Рамос не сака повеќе да игра за „кралевите“, не се чувствува мотивиран и одлучил да замине во Азија по нов предизвик. 

Ако дозволи да си замине капитенот, Перез се сомнева дека ќе наиде на разбирање на акционерите и фановите кои веќе му приговараат за продажбата на Роналдо и некупувањето н светски ѕвезди веќе три години. 

Постојат опции и за плаќање на обештетување од страна на кинескиот клуб, чие име не е познато, но Рамос за неколку дена пак ќе се сретне со Флорентино и ќе инсистира да добие дозвола за раскин на договорот само за трансфер надвор од Европа.