• Горан Упале
Глобалниот бренд „Адидас“ подготвува нова топка за Светското првенство во фудбал во 2026 година. Засега го носи името „Трионда“, како синоним за трите земји коорганизатори – Соединетите Американски Држави, Мексико и Канада.
Ќе биде во боите на сите три земји, бела со црвено, зелени и сини детали, а официјално ќе биде претставена на крајот на оваа година.
Она што го откри „Марка“ се новите детали за „Connecting Pain Technology“. Новата „Трионда“, како онаа за Светското првенство во Катар, ќе има голем број на сензори кои ќе го следат нејзиното движење и секој допир на играчот со неа. Ќе биде инсталиран најновиот сензор за движење кој следи допири со брзина од 500 пати во секунда, работи на 500 херци и собира точни податоци за движењето на топката, кои се пренесуваат во ВАР просторијата.
Новата технологија значително ќе ги забрза одлуките за офсајд и излегувањето на топката од границите на теренот. Повеќе информации за самата топка, технологијата и бројот на панели што ќе ги има ќе бидат објавени на промоцијата на топката.