• Саше Љолес
Сандеј Адетунџи го завршува својот престој во Чукарички и наскоро преминува во друг клуб од поранешните екс-ју простори. Снажниот нигериски напаѓач премина во Србија од редовите на Шкупи, каде беше исклучен од тимот поради недисциплина, а сега заминува во Словенија и ќе се бори за шампионската титула со екипата на Целје.
Неговиот нов тим има десет бодови предност на табелата пред второпласираната Олимпија и ќе мора само да го издржи притисокот од ривалите за да дојде до посакуваната круна во елитниот словенечки фудбал. Адентунџи остана запаметен во Србија како стрелец на спектакуларен погодок против шампионот Црвена Звезда, но потоа реализацијата малку запре, а не му одеа во прилог и двете поситни повреди кои го оддалечија од терените последниов период.
Најдобрата сезона во кариерата му беше во редовите на Шкупи, со кој ја освои шампионската титула во Македонија, а таа година беше стрелец и на 20 првенствени голови. Доколку Целје успее да стигне до титулата во Словенија, Нигериецот следното лето ќе има можност да настапи и во квалификациите за Лигата на шампионите.
Сандеј Атедунџи ја започна кариерата во Нигерија, каде настапуваше за Ел Канеми, Абиа Вориорс и Шутинг Старс, а неговата европска авантура започна со трансферот во чешкиот Прибрам. Потоа се врати во родната земја, а во Шкупи пристигна во сезоната 2021/22. За поранешниот македонски шампион вкупно настапи на 60 натпревари и постигна 36 голови во сите конкуренции. Потврдата за трансферот во Целје се очекува во првите денови од јануари.