Адеми за пет меча во Ујпешт доби исто толку жолти картони колку во две сезони во Динамо

Поранешниот капитен на Динамо Загреб, Аријан Адеми, од летово е играч на унгарски Ујпешт. Тој е редовен во првиот тим и одигра пет натпревари оваа сезона, со просек од 82 минути по натпревар. Но, екс-репрезентативецот на Македонија доби дури четири жолти картони во тие пет натпревари.

Искусниот играч за врска е познат по својата посветеност и борбен дух на теренот, но во хрватскиот шампионат не добивал ни приближно толку картони како во унгарското првенство. Во изминатите две сезони, тој одигра 71 натпревар во хрватското првенство и Купот, добивајќи вкупно четири жолти картони и ниту еден црвен картон во сите нив.

Адеми има 34 години и има освоено 13 шампионски титули со Динамо. Тој исто така има освоено пет Kупови во Хрватска и три Суперкупа. Има одиграно повеќе од 400 настапи за Динамо.

ФОТО/PHOTO: Újpest FC (Facebook)