Адеми против Манчестер Сити принудно ќе заигра како – стопер!?

Македонскиот репрезентативец Аријан Адеми би можел да биде прекомандуван на следниот меч за Динамо Загреб и принудно да менува позиција на теренот.

Адеми, кој игра како фудбалер за врска во средниот ред, на дуелот против Манчестер Сити во Лигата на шампионите би можел да игра за „модрите“ како стопер, стои во анализата на хрватски „Индекс“.

За последниот меч од групната фаза суспендирани се Периќ и Теофил-Кетрин, па Ненад Бјелица ќе мора да бара решение. Тимот има два класични стопери, Дилавер и Гвардиол, а проблемот е што Јошко Гвардиол има само еден сениорски меч за хрватскиот првак.

Во комбинација е и Франсоа Мубанџе, играч кој во Динамо пристигна од Тулуз, но со него има два проблеми - првиот е што има шест меча, сите против инфериорни клубови во ХНЛ-лигата, додека вториот е фактот што сите дуели ги играше на левата страна.

Така, спасител на Динамо Загреб би можел да биде Аријан Адеми. Во него се гледа како идеален играч со предиспозиции за стопер, во ситуација кога тоа е најпотребно. Ако тренерот на Динамо остане на формација со три стопера, тогаш се очекува во одбранбената линија да бидат Адеми, Дилавер и Мубанџе.

Последниот дуел од групната фаза меѓу Динамо Загреб и Манчестер Сити е закажан на 11 декември на „Максимир“. Хрватскиот првак се уште има шанса за европска пролет, дали во ЛШ или во ЛЕ, но ќе треба да се надмине со големиот фаворит на хартија предводен од Пеп Гвардиола.