Адеми поради повредата со ЦСКА го пропушта дербито со Велковски во ХНЛ

Македонскиот репрезентативец Аријан Адеми се повреди на дуелот против ЦСКА Москва во Лигата на Европа и нема да биде на располагање на „модрите“ за дерби-дуелот во хрватскиот фудбалски шампионат против Ријека.

Адеми се повреди по еден спринт, без контакт со противнички фудбалер. Играчот од средниот ред се фати за мускулот и веднаш побара замена. Тренерот Зоран Мамиќ потврди дека Адеми е повреден и дека ќе се проверува тежината на повредата.

„Адеми почувствува болки во мускулот и се плашам дека нема да биде подготвен за натпреварот со Ријека. Повеќе ќе знаеме до сабота“, изјави Мамиќ.

Хрватскиот првак обезбеди европска пролет, а дуелот меѓу Ријека на Дарко Велковски и Динамо се игра на 13 декември.