Адеми: Пандев е како виното, колку е постар - толку е подобар!

Македонија ја победи Грузија (0-1) и испиша историја со пласманот на прво големо натпреварување. Горан Пандев беше херој на нацијата, а еден од „тивките“ херои беше Аријан Адеми

Играчот за врска, иако повреден, се појави на теренот и даде сè од себе. Тој доби поштеда за претстојните дуели од Лигата на нациите, а по враќањето во Хрватска во разговор за „24sata.hr“, имаше многу пофални зборови за Македонија и Горан Пандев. 

„Многу ми е мило за Пандев, имаше страшна кариера и сакаше да успее со репрезентацијата. На крајот дојдовме до Европско првенство и тоа Пандев го даде голот за квалификација. Тој е како виното - колку е постар, толку е подобар. Има одличен карактер и е неверојатен фудбалер. 

Бидејќи во Динамо има многу репрезентативци, често љубоморно ги гледам како одат на големи натпреварувања. Едноставно сакав и јас, па еве тоа ќе го почувствувам. Вредеше секоја вложена секунда. Среќата и задоволството на народот на Македонија е нешто што не се опишува со зборови“, започна Адеми. 

Иако одигра три натпревари за репрезентацијата на Хрватска, Адеми немаше официјален настап и реши да го прифати повикот од Македонија. Самиот тој призна дека не жали за одлуката. 

„Не жалам за одлуката, бидејќи кога одлучив да играм за земјата од каде потекнуваат моите предци, дадов 100% во таа приказна. Слично е и во Динамо. Кога минатиот викенд беше најавено дека нема да играм против Истра, ми се јави половина Македонија да ме праша што е проблемот. Тоа е дополнителен мотив, гледаш дека те ценат и респектираат и мене мипреостанува е да вратам. Имав проблеми, ама сè додека постоеше 1% шанса да играм, јас се трудев“, заврши Аријан. 

Фудбалерот на Динамо Загреб настапи во Тбилиси, ама беше заменет во второто полувреме. Тој имаше проблеми со повреда и не беше целосно спремен за игра, ама „стисна заби“ и истрча на гостувањето кај Грузија.