„Адеми не е фудбалски волшебник, но секој тим во светот посакува таков играч“

Историјата на Динамо е пребогата со врвни фудбалери. Низ „модрата“ соблекувална поминаа многу големи играчи, еден беше прогласен за најдобар во светот, но Аријан Адеми остави посебен белег. „Капитенот на Динамо“ на посебен начин влезе во сите клупски алманаци, а неговото заминување од „Максимир“ сè уште е главна тема кај хрватските медиуми.

Легендарниот стратег Вахид Халилхоџиќ за „Спортске новости“ се наврати на својата ера во Динамо и соработката со македонскиот репрезентативец.

„Кога станува збор за Адеми, имам само убави спомени - како човек и како играч. Кога бев во Динамо, тој беше уште млад, беше само на почетна етепа кон големата кариера.

Тој е играч каков треба да го има секој тим. Адеми не е фудбалски волшебник, но со своето однесување, страста за тимот, придонесот на теренот, тој е од најголема корист. Аријан е исклучително позитивна личност, лидер во соблекувалната и на теренот. Дефинитивно, секој тим во светот би морал да има играч како Адеми. Вака го поздравувам, му посакувам да биде здрав, да игра уште добри сезони и конечно да оди во заслужена пензија“, изјави Халилхоџиќ.

Адеми по прошталниот натпревар во неделата веднаш се упати за Скопје, каде му се стави на располагање на Благоја Милевски за стартот на евро-квалификациите и натпреварот со Малта. Искусниот играч за врска својата кариера ќе ја продолжи во Кина, во редовите на Пекинг Гуан.