• Горан Упале
Македонскиот фудбалски „мотор“, Аријан Адеми, по двегодишната пауза повторно се врати на фудбалскиот терен и бележи одлични настапи за својот клуб Динамо Загреб.
Адеми во 2015 година падна на допинг тест по мечот од Лигата на шампионите против Арсенал и се соочуваше со драстично поголема казна, но, откако докажа дека несвесно ги примал недозволените супстанции, доби помилување и неговата суспензија беше прекината на две години.
Сега нашиот репрезентативец вели дека мора да биде претпазлив на сè, па дури во кафе-баровите бара од келнерите пред него да ги отвораат пијачките.
„Морам да признаам дека имам трауми од моментот кога дознав дека паднав на допинг тестот. Тоа се случи пред две години кога бев на подготовки со репрезентацијата и ми рекоа итно да се јавам кај селекторот или претседателот на федерацијата. Во тој момент помислив дека се работи за некаква понуда, но кога ми соопштија за што ме повикаа бев шокиран. Во тој момент се сомневав во сите, од семејството, па сè до пријателите. Мислев дека некој сакал нешто да ми подметне. Затоа сега морам да бидам претпазлив, па кога ќе порачам пијалак во кафе-бар, барам да биде отворен пред мене“, вели Адеми.
Во новата сезона Адеми веќе одигра четири натпревари за Динамо Загреб, во кои постигна еден гол, а своето деби по враќањето од суспензијата го имаше во дресот на нашата селекција против Лихтенштајн во Струмица.






