ВИДЕО: Адеми доби честитки за јубилејот, Динамо го преслуша Хајдук

Македонскиот репрезентативец Аријан Адеми и неговиот Динамо Загреб чекорат кон нова титула во Хрватска. „Модрите“ на домашен терен славеа над вечниот ривал Хајдук (2-0) и ја зголемија разликата на табелата во однос на ривалите.

По важната победа над Осијек, Динамо Загреб освои уште нови три значајни бода. Триумфот беше рутински, а пред натпреварот Адеми доби мала свеченост. Играчот од средниот ред и капитен на Динамо дојде до бројката од 300 настапи во клупската историја, па доби подароци и дрес како признание.

  • Извештај од натпреварот:

Што се однесува до натпреварот, мечот се отвори во 21. минута, кога Марио Вушковиќ од Хајдук играше со рака во казнениот простор и судијата покажа на белата точка. Сигурен изведувач беше Петковиќ, кој го надмудри голманот на Хајдук. Во 35. минута пристигна и вториот гол, кој беше дело на Кастрати, по асистенција на претходниот стрелец Петковиќ.

Адеми се најде во стартниот состав и ја одигра целата средба на „Максимир“, додека Стефан Ристовски доби поштеда и не настапи на мечот поради претходниот напорен ритам на домашната сцена и Европа. Македонскиот фудбалер во редовите на Хајдук, Јани Атанасов, почна на клупата, а доби шанса и ги одигра последните минути во самиот финиш.

Динамо Загреб е лидер на табелата со 71 бод, а втор е Осијек со 67 бода. Вреди да се напомене дека лидерот има и натпревар помалку.