Адеми дефинитивно отпадна за Норвешка, Ангеловски не повикува ново име

Селекторот на А-репрезентацијата на Македонија, Игор Ангеловски, нема да може да смета на Аријан Адеми на пријателскиот меч против Норвешка кој се игра во Скопје.

Фудбалерот на Динамо заработи повреда на еден од тренинзите на хрватскиот трофеен колектив, по што ќе мора да остане во Загреб и да прави детални прегледи околу повредата. Ангеловски на местото на Адеми нема да повикува ново име во составот.

Поради повреда претходно отпаднаа Љупче Дориев и Никола Ѓорѓев, а на нивно место селекторот во националниот тим ги повика Кире Маркоски и Анес Османовски. Исто така, Норвешка ќе ја пропушти и Илија Несторовски, по барање на Палермо.

Натпреварот меѓу Македонија и Норвешка се игра в сабота од 18.30 часот на „Филип втори“ Арената.